
Шведска вчера го отвори 28. издание на Карјала Купот со триумф од убедливи 4-1 против актуелниот вицешампион – Чешка Република.
Станува збор за хокеарски турнир, кој се одржува во Финска секој ноември, каде што се натпреваруваат вкупно четири репрезентации – Шведска, Чешка, Финска и Русија.
На првиот овогодишен дуел, Шведска постигна по два погодоци во првите две третини за убедлива предност од 4-0 после четириесет минути игра.
Стрелци за претставниците на Скандинавија беа четири различни хокеари, односно Понтус Холмберг, Карл Клингберг, Јеспер Олофсон и Антон Бенгтсон.
Во последниот период, на две минути пред крајот на натпреварот, почесен погодок за Чешка постигна играчот на Спарта Прага – Филип Хлапик.
Веднаш по овој дуел, Шведска го држеше првото, а Чешка – последното место на табелата, но Русија и Финска сè уште ја немаат одиграно својата прва пресметка.



