Последниот натпревар од Купот на шест нации во рагби го одиграа Франција и Шкотска.
На него, Шкотланѓаните успеаја да триумфираат во финишот со резултат од 23-27 и на тој начин да му ја врачат титулата на Велс.
Имено, претходната сабота, Велс загуби од Франција и со тоа ја загрози првата позиција.
На тој начин, Французите добија шанса за титула само со победа над Шкотска со дополнителен бонус-поен и со 21 поен разлика.
Сепак, накрај, целата ситуација излезе со среќен крај за Велс, кој дојде до рекордната четириесетта титула во ова натпреварување.
На синоќешната пресметка, двете екипи постигнаа по три есеи и по два пенали, а клучни за триумфот на британската селекција беа трите погодени конверзии.
Полагања за Франција постигнаа Брис Дулан (35′), Дамиан Пено (46′) и Сван Ребаџ (65′), а Ромен Нтамак беше задолжен за сите шутеви.
Од другата страна, стопроцентен шутер беше Фин Расел, а последната конверзија ја погоди Адам Хастингс.
Освен нив, во листата на поентерите се запишаа Дуан ван дер Мерве (14′, 80′) и Дејвид Чери (60′).
Исто така, во завршницата, Шкотска одигра со играч помалку, откако Расел доби црвен картон (71′).
Конечниот редослед на табелата гласеше: Велс (20), Франција (16), Ирска (15), Шкотска (15), Англија (10) и Италија (0).
📸 Aurelien Meunier/Getty Images