За првпат после четири години, женскиот караван од Светскиот куп во алпско скијање се врати во чешкиот Шпиндлерув Млин.
На денешната програма во овој ски-центар беше деветтиот овосезонски слалом, на кој, најбрза беше Микаела Шифрин (1:33,85).
На овој начин, Американката дојде до 85. триумф во кариерата и сега заостанува само за една победа зад најуспешниот скијач на сите времиња – Ингемар Стенмарк.
На второто место, со најдобар личен резултат сезонава, заврши Лена Дир (+0,60), додека третопласирана беше Венди Холденер (+1,31).
Од останатите скијачки, под две секунди заостануваа само Петра Влхова (+1,56), Пола Молцан (+1,89) и Ана Свен-Ларсон (+1,94).