Првото градско лигашко дерби на Њујорк после 4 јули 2019 не можеше да донесе полош резултат за Јенкис.
Екипата предводена од Арон Бун го запиша својот шести пораз во низа, откако денес загуби од градските ривали, Њујорк Метс, со 4-6.
Јенкис го започнаа мечот на одличен начин, со постигнати четири поени после само два ининга. Два од четирите поени донесе Клинт Фрејзер со својот трет хоум-ран сезонава. За Јенкис, на овој меч, своето МЛБ деби го имаше Доминиканецот Естеван Флориал.
Од петтиот до седмиот ининг, на теренот преовладуваа Метс, кои забележаа еден поен во петтиот и пет поени во шестиот ининг. По еден хоум-ран за победничкиот состав постигнаа Пит Алонсо, Доминик Смит и Џејк Марисник. За Марисник, ова беше прв хоум-ран во дресот на Метс, откако, пред почетокот на сезоната, дојде во Њујорк од редовите на Хјустон Астрос.
На табелата, Јенкис се втори во Источната дивизија на Американската лига со учинок од 16-12, додека Метс се третопласирани во Источната дивизија на Националната лига со 14-16.



