Последното учество во плејофот на Феникс Санс, во 2009/10, заврши во конференциското финале со поразот од ЛА Лејкерс со вкупни 4-2.
Сепак, синоќа, претставниците на Аризона им се реваншираа на актуелните шампиони и ги елиминираа уште во осмина-финалето со ист резултат.
Последниот натпревар од серијата, одигран во Лос Анџелес, помина целосно во знакот на Феникс, кој славеше со 100-113.
Санс водеа во текот на цел меч, а капиталната предност ја стекнаа уште во првата четвртина, кога поведоа со 12-33.
Од победничкиот состав, нереална партија одигра Девин Букер, кој запиша дабл-дабл од 47 поени и од 11 скокови.
Кај Лејкерс, најефикасни беа ЛеБрон Џејмс и Денис Шродер со 29, односно со 20 кошеви.
Во четврт-финалната фаза, Феникс Санс ќе ги одмерат силите со Денвер Нагетс, кои со 4-2 ги поразија Портланд Трејл Блејзерс.