
Поради азиската Лига на шампиони, еден меч од 22. коло на јапонската Ј1 Лига беше одигран денес, со подранување од месец и пол.
На него, силите ги одмерија двете првопласирани екипи – Нагоја Грампус и актуелните шампиони Кавасаки Фронтале.
На првите дванаесет средби од сезоната, Нагоја прими само три погодоци.
Денес, домашниот состав го одигра својот најлош натпревар во 2021 и загуби со резултат од 0-4, односно прими повеќе погодоци отколку на сите овосезонски дуели заедно.
Кавасаки ја најави, а воедно и ја завери, својата единаесетта овогодишна победа уште во првата четвртина од мечот.
Имено, во 3. минута, Рео Хатате го отвори резултатот, совладувајќи го поранешниот голман на Борусија Дортмунд, Митчел Лангерак, по асистенција на Леандро Дамијао.
Токму Дамијао во потполност ја ,,уништи” Нагоја со два брзи погодоци во 11. и во 23. минута.
Конечниот резултат го постави резервистот од клупата, Даија Тоно (84′), кој беше единствен стрелец во второто полувреме.
До крајот, темпото на игра драстично опадна, но сепак Лангерак, со неколку добри интервенции, спречи целосен дебакл на тимот предводен од Масимо Фикаденти.
По натпреварот, Кавасаки остана на врвот со 35 поени, односно шест повеќе во однос на второпласираниот денешен ривал.
Сепак, Нагоја ќе има шанса за одмазда веќе во вторник, кога ќе гостува на ,,Кавасаки Тодороки Стадиум” во рамките на 12. коло.



