Петтиот велеслалом од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција се одржа во словенечкиот ски-центар – Крањска Гора.
На патеката ,,Подкорен 3″, најбрза после двете серии беше Швеѓанката Сара Хектор (2:15,79), која, со втората овосезонска победа, го презеде првото место во поредокот за велеслалом.
Пласманот на првите три скијачки остана непроменет во однос на првата серија, односно, зад Хектор, подиумот го комплетираа Теса Ворли (+0,96) и Марта Басино (+1,32).
На четвртото место, со напредок од четири позиции во однос на првото скијање, до најдобриот пласман во кариерата дојде Канаѓанката Валери Грение (+1,39), губејќи го подиумот за само седум стотинки.
Како петта, трката ја заврши Лара Гут-Бехрами (+1,92), а позади неа, во првите десет, се сместија: Марина Гасиеница-Даниел (+1,96), Микаела Шифрин (+2,05), Тина Робник (+2,06), Мета Хроват (+2,13) и Мишел Гизин (+2,29).