Еден од седумте денешни дуели во КХЛ го одиграа двете најквалитетни екипи на Западот, а воедно и двете армиски екипи – СКА Ст. Петербург и ЦСКА Москва.
Токму на денешен ден и двете екипи го прославуваа својот 74. роденден и по тој повод настапија со специјално патентирани војнички дресови.
СКА на одличен начин го отвори мечот, поведувајќи со 1-0 после неполни три минути игра. Стрелец беше Антон Бурдасов, кој на одличен начин ја искористи бројната предност на ледената плоча во корист на својата екипа.
Сепак, неполни две минути подоцна, Никита Сошников израмни на 1-1, запишувајќи го својот трет погодок во дресот на ЦСКА, по трансферот од редовите на Салават Јулаев Уфа.
Наредниот погодок падна во третата третина, кога Иван Морозов ѝ донесе ново водство на СКА на истекот на петтиот „пауер-плеј“ на мечот за домаќините.
Десет минути подоцна, Кирил Марченко ја удвои предноста на домаќините со својот дванаесетти погодок сезонава за водство од 3-1.
Магнус Хелберг, голманот на СКА, направи две кардинални грешки во последните деведесетина секунди, со коишто ЦСКА успеа да избори продолжение, односно пенали, израмнувајќи на 3-3. Стрелци на овие погодоци беа Константин Окулов и Максим Шалунов.
После експлозивните пет дополнителни минути следуваа пеналите, каде што, после четири пенал-серии, СКА дојде до победата (3-1). Единствен стрелец на воведниот пенал за ЦСКА беше Брендан Лајпсик, а потоа, за СКА поентираа Линден Веј, Владимир Ткачјов и Кирил Марченко.
Со овој триумф, хокеарите од Ст. Петербург остануваат на второто место на Западот, со осум поени заостаток во однос на првопласираниот денешен ривал.



