
Од 9 до 16 јануари, во ,,Александра Палас” во Лондон, беше одржан вториот турнир од ,,Тројната круна” во снукер, односно популарниот Мастерс, на кој учествуваат најдобрите шеснаесет играчи.
Имено, 48. издание на ова натпреварување заврши во рацете на Нил Робертсон, кој ја освои втората Мастерс титула, односно прва после 2012.
Во финалето, играчот од Австралија неочекувано лесно го совлада Англичанецот Бери Хокинс со убедливи 10-4.
Во првиот дел, откако Робертсон поведе со 2-0, Хокинс израмни на 2-2, но тоа беше негов најблизок контакт со резултатски суфицит.
Во продолжение, новиот шампион доби осум од вкупните десет партии за освојување на првата титула после 10 ноември 2019.
На патот до финалето, Робертсон беше подобар од Ентони МекГил (6-3), од Рони О’Саливен (6-4) и од Марк Вилијамс (6-5), додека Хокинс ги елиминира Шон Марфи (6-2), Марк Селби (6-1) и Џад Трамп (6-5).




