Првото натпреварување од Светскиот куп во нордиска комбинација во 2021 година се одржа во италијанскиот ски-центар Вал ди Фиеме, кој ќе биде домаќин и на останатите две трки во текот на викендот.
Денес, после скокачката серија, со скок од 106 метри (144,3 поени), водечкиот во генералниот пласман, Јарл Магнус Риибер, им зададе огромен заостаток на сите конкуренти.
Норвежанецот, накрај ја запиша четвртата овосезонска победа, одбранувајќи го временскиот суфицит (28:56,1).
Огромен напредок оствари носителот на црвената маица, Илка Херола (+8,4), кој од седумнаесеттата, успеа да дојде до втората позиција со своето реномирано одлично трчање.
На третото место заврши победникот на последните две трки, Винценц Гајгер (+9,8), а во продолжение, до десеттото место, следуваа Фабијан Рисле (+10,8), Ерик Френцел (+11,2), Јерген Граабак (+11,8), Јоханес Лампартер (+11,9), Акито Ватабе (+14,9), Лукас Грајдерер (+17,5) и Јенс Лураас Офтебро (+46,2).
📸 Sandra Volk/NordicFocus/Getty Images



