Првото натпреварување од новата сезона на Светскиот куп во нордиска комбинација беше одржано денес во Рука, Финска.
Првата серија, како и обично, беше одржана на скокалницата (ГС 134) во истото место.
Одличен скок од над 147,5 метри имаше Австриецот Јоханес Лампартер, кој си обезбеди временска предност во однос на сите конкуренти во пресрет на втората серија. После скоковите, на второто и на третото место се најдоа Кристјан Илвес и Рјота Јамамото.
Втората серија всушност беше потера на крос-кантри скијање на пет километри.
Минатосезонскиот шампион, Јарл Магнус Риибер, кој беше четврти после првата серија, накрај успеа да триумфира, со само една секунда предност во однос на Лампартер. За Норвежанецот, ова беше петнаесетти триумф во период од една година.
Освен нив, на подиумот се најде и седмопласираниот по првата серија – Јенс Лураас Офтебро (+17,3).
Останатите натпреварувачи што ги зазедоа првите десет позиции на крајот, имаа варијации од неколку места во позитивна, односно во негативна насока. Освен тројцата горенаведени, во првите десетмина завршија уште: Мануел Фаист (+26,0), Кристјан Илвес (+29,8), Акито Ватабе (+42,3), Марио Зајдл (+47,3), Рјота Јамамото (+55,0), Фабијан Рисле (+1:11,4) и Јерген Граабак (+1:24,1).



