Првиот меч од третото коло на новата НРЛ сезона беше ,,реприза” на минатогодишното финале, но со поинаков епилог.
Имено, денес вицешампионите Пенрит Пантерс успеаја да го возвратат ударот и да ги совладаат актуелните шампиони, Мелбурн Сторм, со 12-10.
Во првото полувреме, Мелбурн поведе со есејот на Брендон Смит (9′) и со конверзијата на Камерон Манстер, а Пенрит израмни со полагањето на Чарли Стејнс (29′) и со шутот на Стивен Крајхтон.
Во вториот дел, Мелбурн уште еднаш дојде до резултатска позитива преку Џош Адо-Кар (64′), но овој пат Манстер не успеа да го конвертира есејот.
Сето тоа им се ,,одби од глава” на гостите во претпоследната минута од мечот, кога Курт Кејпвел (79′) израмни на 10-10, а Крајхтон беше прецизен од победоносниот шут.
Сепак, возбудата не застана овде бидејќи во самиот финиш, Мелбурн имаше одлична шанса за ново водство, но дефанзивците на Пантерс го спречија тоа.
За Мелбурн, ова беше втор пораз во првите три кола, додека Пенрит го задржа стопроцентниот учинок и првото место на табелата.
📸 Cameron Spencer/Getty Images