Балтимор Рејвенс и Далас Каубојс го комплетираа тринаесеттото овогодишно коло од НФЛ.
За нив, ова беше прв меѓусебен дуел после 2016 и прв одигран во Балтимор после 2012 година.
Рејвенс успеаја да ја оправдаат фаворитската улога, добиена со враќањето на Ламар Џексон и триумфираа со двојно повеќе поени – 34-17.
Далас беше конкурентен сè до почетокот на втората четвртина, кога водеше со 7-10, по шутевите на Грег Зурлајн и по тачдаунот на Мајкл Галуп. Во продолжение, Зурлајн промаши три последователни филд-голови, пред Амари Купер да го постигне почесниот тачдаун на четири минути пред крајот.
Од друга страна, Ламар Џексон имаше само 12/17 обиди за додавање со освоени само 107 јарди, но истрча дополнителни 94, притоа постигнувајќи и фантастичен тачдаун.
Освен него и освен шутерот Џастин Такер, кој еднаш промаши филд-гол од 36 јарди за првпат после седумдесет прецизни обиди од под 40 јарди, поени за Рејвенс преку тачдауни забележаа Мајлс Бојкин, Маркис Браун и Џеј Кеј Добинс.
Рејвенс, со овој триумф, остануваат во битка за плејофот, иако мора да чекаат кикс на некој од конкурентите. Во слична ситуација е и Далас, кому, единствена надеж му е првото место во својата дивизија.
Во соработка со НФЛ Македонија



