Ексетер Чифс станаа дванаесеттиот клуб што го освоил најквалитетното европско клупско натпреварување во рагби унион – Купот на шампионите, откако, во финалето, ги совладаа Расинг 92 со 31-27.
Воедно, ова беше осмо англиско-француско финале во историјата на натпреварувањето, каде што Англичаните водат со 6-2.
Во текот на цел натпревар, Ексетер имаа резултатска позитива и постигнаа вкупно четири есеи преку Лук Коуан-Дики, Сем Симондс, Хари Вилијамс и Хенри Слејд. Останатите поени беа дело на Џоу Симондс од четири конверзии и еден пенал.
За Расинг, преку есеј поентираа Сајмон Зибо (х2), Хуан Имхоф и Камил Шат, а Максим Машено погоди две конверзии и еден пенал.
На патот до првата историска титула, Ексетер ги елиминира Нортемптон Сеинтс (38-15) и Стад Тулузен (28-18), а за да стигне до финалето, Расинг беше поуспешен од Клермонт (27-36) и од Сарасенс (19-15).