Финалето на овогодинешната МЛБ сезона им ја донесе вкупно седмата титула на ЛА Доџерс, прва после 1988 година, во вкупно дваесет и првиот финален настап.
Поразениот тим и новиот вицешампион е Тампа Беј Рејс, кој се пласира во финалето вторпат во историјата (2008 и 2020) и по вторпат не успеа да ја освои првата титула.
Сè што успеаја да направат ,,Ражите” од Флорида беше да израмнат двапати, на 1-1 и на 2-2, во вкупниот резултат.
Накрај, Доџерс ја добија меѓусебната серија со 4-2.
Последниот меч заврши со минимални 3-1 во корист на новите шампиони.
Во првиот ининг, Тампа Беј поведе со хоум-ранот на Ренди Арозарена, рекорден десетти во плејофот за еден дебитант.
Во шестиот ининг, играчите од Лос Анџелес, преку освојувања на бази, направија пресврт на 2-1, а во осмиот ининг, конечниот резултат го постави Муки Бетс со првиот хоум-ран на мечот за Доџерс.
Имено, на патот до финалето, ЛА Доџерс ги елиминираа Милвоки Бруерс (2-0), Сан Диего Падрес (3-0) и Атланта Брејвс (4-3), додека Тампа Беј Рејс беа подобри од Торонто Блу Џејс (2-0), од Њујорк Јенкис (3-2) и од Хјустон Астрос (4-3).