Единствениот кинески претставник во КХЛ, Кунлун Ред Старс, го запиша својот прв триумф од игра во новата сезона и тоа дури во петнаесеттиот меч.
Првата ,,жртва” на хокеарите од Пекинг беше екипата на Салават Јулаев Уфа, која загуби денес со 5-3.
Уфа водеше двапати на оваа средба, еднаш со 0-2 и еднаш со 2-3.
Кунлун двапати израмнуваше и дојде до победата со трите голови во последната третина.
Головите за победничкиот состав ги забележаа Хантер Шинкарук и Џејк Челиос во вториот, односно Дени Кристо, Лук Локарт и Кори Кејн во третиот период.
Од друга страна, од редовите на Уфа, во листата на стрелците се запишаа Дмитриј Кугришев, Данил Башкиров и Теему Хартикаинен. Токму Финецот што стрелаше последен за ,,Зелените” стана водечки стрелец за Салават Јулаев во КХЛ со 339. гол, претекнувајќи го легендарниот Линус Омарк.
За Уфа, ова беше петти пораз во последните седум дуели, кој ги спушти до петтата позиција на Истокот, додека Кунлун останува на самото дно.



