
Едмонтон Оилерс се наоѓаат во очајна резултатска серија, без триумф во 2022 и со тринаесет порази на последните петнаесет средби.
Синоќа, канадските претставници беа надиграни на домашен терен од Флорида Пантерс со убедливи 0-6.
Флорида упати 29 шутеви кон противничкиот гол и реализираше шест пати што соодветствува на ефикасност од 21,43%.
Стрелци за гостинскиот состав беа Александер Барков (х2), Картер Верхег, Ентони Дуклер, Сем Бенет и Овен Типет.
Од друга страна, голманот на Пантерс, Сергеј Бобровски, го запиша првиот овосезонски шут-аут, бранејќи ги сите четириесет шутеви на Едмонтон.
Во последниот месец и пол, Оилерс се наоѓаат на последното место во НХЛ според неколку статистики: примаат по 4,13 голови по натпревар, примаат гол во 27% од случаите со играч помалку и имаат гол-разлика од -27.
Во Западната конференција, Едмонтон падна на тринаесеттото место, додека Флорида го зазеде врвот на Истокот.




