
Сè до денес, тимот на Вест Коуст Иглс имаше серија од десет победи против Фриментл Докерс со просечна победничка разлика од 59,9 поени во дербито на западниот брег на Австралија.
Токму овие две екипи го затворија осмото овосезонско АФЛ коло, а Вест Коуст ја продолжи својата низа, откако славеше со (20.12) 132-73 (11.7).
Фриментл беше конкурентен само во првото полувреме, а во второто потфрли во целост.
Имено, Докерс во третата и во четвртата четвртина постигнаа вкупно 16, а примија дури 62 поени.
И покрај неефикасното второ, овој меч беше единствен во историјата со дваесет голови во првото полувреме, кога се во прашање дуелите помеѓу овие два ривали.
Најефикасен играч на мечот беше Џош Кенеди од победничкиот состав, кој постигна 24 поени (4.0).
Од неговите соиграчи, хет-трик забележаа Џек Дарлинг (3.2) и Џејк Ватермен (3.0), а огромен придонес имаше Тим Кели со 42 допири, со 13 расчистувања и со 9 соборувања.
Кај Докерс, поентерски се истакнаа само Мет Табернер (3.1) и Рори Лоб (2.0).
На табелата, двата конкуренти имаат по шеснаесет бодови, но поради подобрата гол-разлика, Вест Коуст е осми, а Фриментл – деветти.



