Екипата на Фулам, иако се бори за промоција назад во Премиер лигата, веќе поврза пет натпревари без победа.
По четирите ремија, избраниците на Марко Силва, во последниот меч од дваесет и третото коло на Чемпионшип, загубија со 0-1 од Шефилд Јунајтед.
За гостите од Јоркшир, ова беше четврта победа во низа и само прва на ,,Крејвен Котиџ” во лигашките средби после 17 септември 1985.
Стрелец на единствениот погодок беше Илиман Ндиаје во третата минута после одличен соло-продор.
,,Првата помисла ми беше да тргнам нанапред и да постигнам гол, па тоа ми се исполни и затоа сум многу среќен.” – се огласи Французинот веднаш по натпреварот.
Во продолжение, Фулам не покажа големи афинитети, но имаше колосална шанса во првата минута од судиското продолжение, кога Александар Митровиќ погоди пречка, а Хари Вилсон ја промаши одбиената топка.
И покрај резултатската криза, Фулам остана на врвот на табелата, додека Шефилд Јунајтед скокна на единаесеттата позиција и се наоѓа на само три бодови од плејоф-зоната.