Најскапиот натпревар во сезоната, како што е веќе општо познато, е финалето на плејофот на англискиот Чемпионшип во кој, денес на „Вембли“, пред 12 илјади гледачи, се соочија Брентфорд и Свонси.
Накрај, како конечен победник излезе Брентфорд, кој со победата од 2-0, се врати во елитата за првпат после сезоната 1946/47.
За екипата од западен Лондон, ова беше вкупно десетто учество во плејофот во последните три децении, односно прво во истиот интервал, кое завршило со промоција.
Уште во 9. минута, Брентфорд дојде до водство од 1-0, откако Ајван Тони беше прецизен од белата точка. За најдобриот стрелец во Чемпионшип, овој погодок беше вкупно 33. во сезоната, односно втор во плејофот.
Само десет минути подоцна, „Пчелите“ веќе имаа двојна предност, откако Емилијано Маркондес, со својот втор гол сезонава, го круниса одличниот контранапад започнат од Брајан Мбеумо.
Во второто полувреме, Свонси започна офанзивно, но нивниот притисок заврши во 65. минута, кога Џеј Фултон доби директен црвен картон за неспретниот старт над Матијас Јенсен.
Во полуфиналето, Брентфорд славеше над Барнмут со вкупни 3-2, додека Свонси, после два натпревари, беше поуспешен од Барнсли со 2-1.
Освен победниците на плејофот, наредната сезона во Премиер лигата ќе се натпреваруваат шампионот Норвич и вицешампионот Вотфорд после една година отсуство.