Екипата на Нов Зеланд Вориорс ја започна новата НРЛ сезона со денешната победа од 19-6 над Голд Коуст Титанс.
Новозеландските претставници имаа одлична игра во одбраната, која беше потпомогната и од неколкуте противнички грешки.
Сепак, ни нападот не беше индиспониран. Имено, до завршните девет минути, Вориорс имаа предност од 18-0, стекната преку есејот и конверзиите на Коди Никорима (68′), како и со полагањата на Бејли Сиронен (25′) и на Лисон Ах Мау (51′).
Во завршницата, Титанс постигнаа почесен есеј преку Кори Томпсон (73′), а Џамал Фогарти беше успешен од шутот за два поени.
Во последната секунда, за да назначи крај на мечот, Чанел Херис-Тавита го забележи единствениот дроп-гол на средбата.
📸 Ashley Feder/Getty Images