Овогодинешниот плејоф на КХЛ беше отворен со вистинска голеада во која Металург Магнитогорск го порази Барис Нур-Султан со 7-4.
Високиот број на голови го најави Јегор Коробкин уште во првата минута, носејќи им почетна предност на домаќините.
До крајот на првата третина, Барис направи целосен пресврт, поведувајќи со 1-3 преку Кирил Панјуков, Роман Старченко и Дерен Дитц.
Целата ситуација резултираше со промена на голманската позиција на Металург со тоа што Јууси Олкинуора го замени Василиј Кошечкин.
Во продолжение, играта на ,,Лисиците” доживеа подем со постигнатите четири погодоци во вториот период.
Овој пат, двоен стрелец беше Николај Голдобин, а по еднаш погодија Јегор Јаковљев и Сергеј Мозјакин.
За легендарниот Мозјакин, денешниот гол беше негов 65. во плејофот во кариерата за поставување на нов рекорд.
До крајот на вториот дел, Барис го намали својот заостаток на 5-4, откако прецизно стрелаше Фил Вароне.
Во третата третина, Металург упати седум шутеви кон противничкиот гол, од кои, два завршија зад гол-линијата во интервал од петнаесет секунди.
Најпрво, Јаковљев по вторпат се запиша во листата на стрелците, а конечниот резултат го постави Николај Прохоркин.
📸 hcbarys.kz