Градското дерби на Сиднеј помеѓу Сиднеј Свонс и ГВС Џајантс по третпат во последните пет сезони беше дел од плејофот на АФЛ.
Денес, по третпат во низа на меѓусебните плејоф пресметки, Џајантс ги поразија Свонс и изборија пласман во четврт-финалето.
Имено, претставниците на западен Сиднеј ги надиграа своите ривали со (10.13) 73-74 (11.8) во пеколна завршница.
Откако победниците стекнаа максимални +29 во третата четвртина, ,,Лебедите” ја презедоа иницијативата и напаѓаа до самиот крај.
Во последните три минути, ,,црвениот” дел од најголемиот град во Нов Јужен Велс беше најнесреќен реон од Австралија, поради фактот дека фудбалерите на Свонс погодија дури три бихајнди, иако им беше потребен само еден гол за победа.
Од редовите на поразениот состав, најефикасни беа играчот од средината, Ајзак Хини (4.1) и напаѓачот Ленс ‘Бади’ Френклин (3.1).
На спротивната страна, приматот повторно го имаше Тоби Грин (3.1), а по него следуваа Џеси Хоган (2.2), Зек Спраул (2.0) и Хари Химелберг (2.0).