Сезоната 2020/21 од Светскиот куп во ски скокови во машка конкуренција заврши денес со последното индивидуално натпреварување во Планица.
На него, до деветтата победа во кариерата дојде Карл Гајгер, со летови од 231 и од 232,5 метри.
Германецот, со новите сто поени, стана и новиот првак на мини-турнејата Планица 7.
На второто место се пласираше и вицешампионот во истиот поредок, односно Рјоју Кобајаши.
Токму двајцата ривали го поделија и првото место во пласманот во ски летови и освоија мал кристален глобус.
Третата позиција му припадна на Маркус Ајзенбихлер, кој беше шести после првиот скок.
Во продолжение, пласман во првите десет изборија уште: Домен Превц, Даниел Хубер, Јукија Сато, Бор Павловчич, Јохан Андре Форфанг, Роберт Јохансон и Михаел Хајбок.
Домашниот натпреварувач, Бор Павловчич, имаше најдолг лет на денот од 249,5 метри во првата серија што претставува негов нов личен рекорд.
Земајќи го предвид фактот дека сезоната заврши со денешното натпреварување, новиот освојувач на големиот кристален глобус од Светскиот куп е Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд, кој победи дури единаесет пати сезонава.
📸 Tom Weller/DeFodi Images via Getty Images



