
На последните седум одиграни средби, Њујорк Џетс имаат пет победи и два порази.
Двете загубени партии на претставниците на ,,Големото јаболко” дојдоа од дивизиските ривали – Њу Ингланд Патриотс.
Имено, во единаесеттото коло, Џетс беа поразени на гостински терен со резултат од 10-3.
Сè до самиот финиш на натпреварот, за Патриотс, филд-гол погоди Ник Фолк, а за Џетс – Грег Зурлајн.
Сепак, кога се чинеше дека неизбежно е продолжението, на сцена стапи Маркус Џонс, кој со вратен пант на пет секунди пред крајот му донесе победоносен тачдаун на домашниот тим.
Нападот на гостите беше во потполност отсутен во текот на играта при што, квотербекот Зек Вилсон имаше само 77 јарди од 9/22 прецизни обиди, додека неговиот колега од другиот табор, Мек Џонс, освои 246 јарди со 23/27 додавања.
Во Американската конференција, двете екипи имаат идентичен учинок од 6-4, доволен за шестото и за седмото место.