
Во рамките на третото коло од кошаркарскиот Европкуп, Партизан му го нанесе првиот пораз на Хувентуд од Бадалона, славејќи со 68-67.
Во преполната сала ,,Александар Николиќ”, ,,Црно-белите”, во буквална смисла, приредија реприза на финалето на Европската лига од 1992.
Шпанскиот состав водеше во текот на цел натпревар, а во последната четвртина влезе со предност од десет разлика.
Сепак, избраниците на Жељко Обрадовиќ ги лимитираа противниците на само еден постигнат кош во првите пет минути од последниот квартал и на тој начин драстично се доближија во резултатска смисла.
Во самата завршница, клучен кошаркар за српскиот состав беше Кевин Пантер, кој погоди две исклучително тешки двојки и го заврши мечот како најефикасен на теренот со 18 поени, односно со пет повеќе од Зек ЛеДеј.
Кај Хувентуд, три играчи имаа двоцифрен број на поени – Жоел Пара (15), Дерек Вилис (11) и Анте Томиќ (10).
Во групата А, Партизан (3-0) е единствен со стопроцентен учинок, заедно со Локомотив Кубан, кој има натпревар помалку, додека Хувентуд (2-1) се спушти на третото место.



