ПАОК, на неочекувано тежок начин, успеа да го задржи стопроцентниот учинок после две кола и да остане во друштво на Панатинаикос и на Олимпијакос.
Имено, синоќа, ,,Црно-белите” од Солун, стигнаа до мачна победа од 2-1 против Атромитос во судиското продолжение.
Уште во раната фаза, Јасмин Куртич (12′) од пенал му донесе водство на ПАОК, кој имаше и играч повеќе од 82. минута, кога втор жолт картон заработи Кирјакос Кивракидис.
Само две минути подоцна, Нелсон Оливеира стрелаше за домашниот состав, но неговиот гол беше поништен со ВАР поради минимален офсајд во зачетокот на акцијата.
Неочекувано, со играчки дефицит, Атромитос израмни на 1-1 во втората минута од судиското продолжение преку Јоргос Цоварас (90+2′), но радоста на гостите траеше многу кратко.
Причина за славје на ,,Тумба” беше новото засилување од Фортуна Дизелдорф, Калед Нареј (90+6′), кој со дебитантскиот погодок во новата средина донесе три бода за ПАОК.
На табелата, ПАОК го држи второто, а Атромитос – седмото место.