Молдавскиот фудбалски клуб Петрокуб кој потекнува од градот Хинцешти што брои околу дванаесет илјади жители го освои својот прв престижен трофеј во историјата – Молдавскиот Куп.
Имено, Петрокуб е основан во 1994, а во своето постоење сменил неколку имиња. Досега, освен новиот трофеј, во два наврати (2004/05 и 2013/14) ја освоил Дивизиа Б односно третата молдавска лига.
Во финалето на купот одиграно на 30 јуни 2020, Петрокуп на пенали го совлада тимот на Сфинтул Георге, откако по продолженијата резултатот остана 0-0. Во пенал-серијата што претставниците на Хинцешти ја добија со 5-3, головите ги постигнаа Јардан, Дамаскан, Розгониук, Туркан и Русу, додека за поразениот состав, главен трагичар беше Бондаренко – фудбалерот кој го промаши четвртиот пенал.
Што се однесува до натпреварувањата во Европа – и двете екипи ќе играат квалификации за Европа Лига. Сфинтул, иако поразен во финалето на купот, со второто освоено место во лигата избори европски фудбал, додека пак, Петрокуп ја заврши сезоната на третото место.