Четвртото овосезонско натпреварување во ски-крос во рамките на Светскиот куп во фристајл скијање се одржа денес во францускиот Вал Торенс.
На вчерашната трка, кај жените најбрза беше Фани Смит, додека кај мажите триумфираше Жонатан Мидол.
Денес, во женската конкуренција учествуваа само дванаесет скијачки, а најбрза од нив беше Катрин Офнер. Во финалето, Австријката ги порази Даниела Мајер, како и вчерашните медалистки Мариел Томпсон и Жад Грил Обер.
Првопласираната Швајцарка од вчерашната трка, Фани Смит, денес го зазеде петтото место, триумфирајќи во малото финале.
Кај мажите, конкуренцијата беше далеку побројна, а накрај, по вторпат во кариерата, триумфираше вчерашниот третопласиран Рис Хоуден.
Канаѓанецот, во големото финале, ги отскија Рајан Регец, Франсоа Плас и Жонатан Мидол.
Вчерашниот освојувач на бронзата, Флоријан Вилмсман, го победи малото финале пред Јоханес Рорвек, Жан Шапуи и Тајлер Валаш.
Поради конкуренцијата, очекувано беше потфрлањето на неколку фаворити како Бастиен Мидол, Кристофер Делбоско и Алекс Фива.
Целото натпреварување можете да го проследите во прилог: