
На првиот од двата врзани велеслаломи во Крањска Гора (Словенија), од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција, триумфираше Хенрик Кристоферсен.
Норвежанецот (2:18,28) дојде до дваесет и седмата победа во кариерата, иако беше петти после првата серија.
Зад него, второто место го поделија неговиот сонародник, Лукас Бротен (+0,33) и Швајцарецот Марко Одермат (+0,33).
За Одермат, денешните поени беа доволни за задржување на првото место во генералниот поредок, а исто така и за освојување на малиот кристален глобус во велеслалом.
Во продолжение, под една секунда заостануваа Лоик Мејар (+0,69), Штефан Бренштајнер (+0,77) и Лука Де Алипрандини (+0,81).
Најголем трагичар на денот беше лидерот после првиот дел, Алексис Пантуро (+1,55), кој накрај заврши како единаесетти.