
Македонскиот атлетичар и учесник на ЛОИ 2020 во Токио, Јован Стојоски, испиша нова страница во националната атлетика.
Имено, на Новогодишниот митинг во сала во Белград, Стојоски постави нов државен рекорд на 200 метри, кој гласи 21,56 секунди.
Нашиот репрезентативец ја победи трката и заработи огромни 1050 поени според ИААФ.

Во моментот, во сезоната 2021/22, Стојоски го држи високото седмо место на светската ранг-листа во дисциплината 200 метри во сала.
Неговиот нов рекорд е исто така огромен успех што се истакнува со фактот дека нашиот атлетичар го има најдоброто време во тековната сезона во цела Европа.

За да стигне до посакуваната цел, Јован мораше да помине низ тежок период, проследен со недоволен квалитет на тренирање.
Причина за тоа беше скршеницата на неговата рака, здобиена пред околу еден месец, кога несовесна жена му го пресече патот на тренинг, додека Стојоски беше во полн спринт.



