Првото тимско натпреварување од Светскиот куп во нордиска комбинација се одржа во Лилехамер, Норвешка.
На него, домашната селекција успеа да дојде до победата, откако надомести 21 секунда во однос на Германија од првата серија.
Норвешка (Јенс Лураас Офтебро, Еспен Бјорнштад, Јорген Граабак и Јарл Магнус Риибер) постави време од 52:56,1 во тркачкиот дел во конкуренција 4х5 км.
Како второпласирана заврши селекцијата на Германија (Мануел Фаист, Винценц Гајгер, Теренс Вебер и Ерик Френцел), која доцнеше 5,3 секунди, поради лошиот финиш.
Битката за третото место беше вистински фото-финиш во кој Јапонија (+2:23,3) ја победи Австрија (+2:23,4) за само една десетинка.
За јапонскиот состав настапија Јошито Ватабе, Акито Ватабе, Рјота Јамамото и Сора Јачи, додека боите на Австрија ги бранеа Мартин Фритц, Лукас Клапфер, Штефан Ретенегер и Јоханес Лампартер.
Последните три позиции ги зазедоа САД (+3:19,9), Франција (+3:33,4) и Италија (+4:35,4).