Овогодинешното Светско првенство во биатлон, одржано во Покљука, Словенија, започна со тимската трка во мешана конкуренција.
До (одбрана на) титулата дојде Норвешка, чиишто скијачи беа убедливи од почеток до крај. Имено, за шампионската скандинавска селекција настапија Стурла Холм Лагреид, Јоханес Тингнес Бо, Тирил Екоф и Марте Олсбу Роиселанд, кои поминаа по 7,5 километри за вкупно 1:20:19,3.
Второто место им припадна на Австријците (Давид Коматц, Симон Едер, Дуња Здоуц и Лиза Тереза Хаузер), кои доцнеа 27 секунди.
Во самиот финиш, битката за бронза ја освои Шведска (+30,6), која беше за половина секунда побрза од Украина.
За втората скандинавска држава на подиумот настапија Себастијан Самуелсон, Мартин Понсилуома, Лин Персон и Хана Оберг.
Освен Украина, ,,несреќна” беше и Франција, која се бореше за златен медал сè до шестото од вкупните осум стрелања, а накрај заврши на петтото место.
📸 Alexander Hassenstein/Bongarts/Getty Images