Во финалето на плејофот на Лиг 2 се соочија Ексетер и Нортемптон. Во полуфиналето, Ексетер преку продолженија во реваншот го совлада Колчестер, додека Нортемптон со огромен пресврт беше поуспешен од Челтенам.
Синоќа, пред празните трибини на „Вембли“, Нортемптон со историска победа од 4-0 избори пласман во Лиг 1 односно се врати во третолигашката елита после две години отсуство. Стрелци на головите за „Коблерс“ беа Рајан Вотсон (11′), Калум Мортон (31′), Сем Хоскинс (80′) и Енди Вилијамс (89′). Ситуацијата за Ексетер дополнително се искомплицира кога, при резултат од 2-0 во 59. минута, Дин Моукси заработи директен црвен картон.
За Ексетер, ова е трето изгубено финале во плејофот на Лиг 2 во последните четири сезони. Од друга страна, играчот за врска на Нортемптон, Ники Адамс, ја оствари својата шеста промоција во кариерата. Адамс, досега, со Лестер и Ротерам успеа да се пласира од Лиг 1 во Чемпионшип односно со Бери и Нортемптон по двапати успеа да се пресели од Лиг 2 во Лиг 1. Уште еден интересен факт за победничкиот состав е дека дури тринаесет од вкупните шеснаесет играчи кои излегоа на теренот синоќа се потпишани од страна на Кит Карл – тренерот кој стапи на кормилото на тимот од „Сиксфилдс Стадиум“ во октомври 2018.