Винипег Џетс се еден од петте тимови што сериозно се борат за плејоф позиција во Западната конференција. Моментално, претставниците на Манитоба се во одлична серија од четири победи во низа што ги пласира на шестото место на Западот. Последната од овие четири врзани победи ја остварија синоќа против тимот на Едмонтон Оилерс. Едмонтон е четврти во истата конференција, но сепак учеството во плејофот не му е загарантирано.
После првата третина, резултатот остана непроменет односно 0-0. Само девет секунди по почетокот на вториот дел, Едмонтон поведе преку Тајлер Енис – новото појачување кое на 24 февруари беше трејдувано од Отава Сенаторс во замена за пик од петтата рунда на драфтот во 2021. Веќе после петнаесетина минути, Винипег стигна до пресврт и водство од 1-2 благодарение на головите на Блејк Вилер и Патрик Лаине. До крајот на третината, Конор МекДејвид (Едмонтон) успеа да израмни на 2-2. Последната третина ја обележи Кајл Конор (Винипег) кој со своите два погодоци му ја донесе победата на својот тим од 2-4.



