Променливата форма на Тампа Беј започна уште по повредата на еден од клучните играчи – Канаѓанецот со македонско потекло и нивен капитен – Стивен Стамкос. Следуваше серија од една победа на пет натпревари, а потоа Лајтнинг запишаа две последователни победи меѓу кои и победа над Бостон, најдобриот тим од нивната конференција, на гостински терен. Откако добија причина за славје, хокеарите од Флорида, синоќа повторно ги разочараа своите фанови со поразот од најслабиот тим сезонава – Детроит Ред Вингс.
Откако натпреварот заврши со 4-4 после регуларниот дел, Детроит успеа да биде подобар после пеналите и да ја запише својата втора победа во низа за прв пат после почетокот на јануари.
Во регуларните шеесет минути, за Детроит погодија Роби Фабри, Дајлан Ларкин, Ентони Манта и Тајлер Бертуци. Стрелците за Тампа Беј беа Брејден Поинт (х2), Картер Верхег и Патрик Марун.
На пеналите, најпрво, за Тампа Беј погоди Михаил Сергачјов, а потоа за Детроит беа прецизни Ларкин и Фабри.
Ред Вингс и покрај победата се убедливо последни, додека Тампа Беј е втор тим на Истокот, веднаш зад Бостон Бруинс.