Во „Скошабанк Арена“ во Торонто, синоќа беше одигран третиот натпревар од осмина-финалето помеѓу екипите на Монтреал Канадиенс и на Филаделфија Флаерс.
Во првиот меч, Филаделфија забележа победа од 2-1, додека во вториот дуел, Монтреал возврати со 0-5. Синоќа, Флаерс повторно поведоа во серијата со победата од 0-1.
Единствениот гол на овој меч падна во шестата минута од воведната третина, а стрелец беше Јакуб Ворачек. За Чехот, ова е втор гол во овосезонскиот плејоф.
22-годишниот голман на Филаделфија, Картер Харт, го запиша својот прв плејоф шут-аут во кариерата и тоа со дваесет и три одбрани. Во врска со играта на својата екипа, Канаѓанецот, за официјалниот Твитер профил на Филаделфија, изјави:
„Знаевме дека вториот натпревар не ни беше најдобар и не беше ни близу до нашите способности. Мислам дека тоа беше значајно за нас за да дојдеме, да преземеме контрола, да го постигнеме првиот погодок и да продолжиме да се бориме и да ги надигруваме [нашите противници].“