Поранешниот вајд-рисивер на Хјустон Тексанс, ДеАндре Хопкинс, моментално важи за еден од најдобрите фаќачи во НФЛ. Американецот беше дваесет и седми пик од првата рунда на драфтот во 2013, а во Хјустон дојде од колеџот Клемсон. Досега, во НФЛ, има постигнато 54 тачдауни со фаќање, а вкупно има фатено 632 додавања. Заедно со квотербекот на Тексанс, Дешон Вотсон, претставуваа најсилен адут во нападот на тексашката екипа.
Сепак Хопкинс, од вчера и официјално стана нов играч на Аризона Кардиналс каде што во нападот ќе биде придружен од првиот пик на драфтот во 2019 – квотербекот Кајлер Мареј. Освен Хопкинс, Кардиналс добија и пик од четвртата рунда на овогодинешниот драфт, а за замена дадоа два пикови (од втората и петтата рунда) како и искусниот ранинг бек Дејвид Џонсон.
Според одредени медиуми, Аризона излезе како огромен победник од овој трејд имајќи во предвид дека даде два не толку престижни пикови. Генералниот менаџер на Тексанс, Бил О’Брајан, е доста критикуван од спортската јавност заради оваа замена.