
Еден од четирите грен-слемови во голф е фамозниот УС Опен.
Неговото 121. издание во историјата се одржа на ,,Тори Пајнс Голф Курс” во близина на Сан Диего, Калифорнија во текот на изминатиот викенд.
На првиот натпреварувачки ден, малку колоритност му даде Метју Волф (-1), кој стана првиот натпреварувач во последните 40 години со осум удари за (-1) поен (,,брди”) и со повеќе од два за (+2) поени (,,дабл боги”) во една рунда.
После првите два дена, водечки натпреварувачи со (-5) беа Расел Хенли и Ричард Бленд. На возраст од 48 години, Бленд стана најстариот голфер, кој водел после првите 36 дупки на овој турнир.
Сепак, Англичанецот имаше очаен трет ден и со губитокот на шест поени, падна на 21. позиција, додека Хенли остана на врвот со Луис Оостхујзен и со Мекензи Хјус (-5).
Накрај, со ,,брди” на последните две дупки, до конечен триумф дојде Џон Рам (-6), кој ја прекина серијата на Американците од шест победи во низа на УС Опен.
Рам доби позитивен тест на КОВИД-19 пред две недели додека убедливо беше на врвот на Меморијал Турнамент, но успеа да се врати од тоа фијаско на најдобар можен начин.
Веднаш зад него се наоѓаше Луис Оостхујзен (-5), а Херис Инглиш (-3) успеа исто така да се качи на пиедесталот.
Во продолжение, сите претходно водечки голфери потфрлија во втората половина од четвртата рунда, а со учинок под пар завршија Брукс Кепка, Гвидо Миљоци, Колин Морикава (-2), Даниел Бергер, Пол Кејси, Рори МекИлрој, Бренден Грејс, Ксандер Шофли и Скоти Шефлер (-1).