Денес, по 107. пат во историјата, се одржа еднодневниот велосипедски класик Лиеж – Бастон – Лиеж.
Станува збор за трка од 259 километри што се вози од градот Лиеж, до Бастон и назад, која е позната и под името ,,Старата дама”, поради тоа што е најстара од сите класици.
На неа, после 6 часа, 39 минути и 26 секунди возење, сè се сведи на последниот спринт во кој учествуваа пет велосипедисти.
Накрај, до победата дојде шампионот на последниот Тур д Франс, Тадеј Погачар (УАЕ Тим Емирејтс), кој славеше на еден класик за првпат во кариерата, иако го започна спринтот од петтото место.
Само дел од секундата зад него се пласираше актуелниот светски шампион, Жулиен Алафилип (Декојнинк-Квик Степ), кој пред четири дена победи на трката ,,Валонската стрела”.
Неочекувано, подиумот го комплетираше уште еден Французин, Давид Году (Групама-ФДЖ), а во првите петмина завршија уште Алехандро Валверде (Мовистар Тим) и Мајкл Вудс (Израел Старт-Ап Нејшн).
Во продолжение, пласман во топ 10 изборија уште: Марк Хирши (+0:07), Тиесј Беноот (+0:07), Бауке Молема (+0:07), Максимилијан Шахман (+0:09) и Матеј Мохорич (+0:09).
Еден од најголемите фаворити и асот на Џамбо-Висма, Примож Роглич (+0:30), го освои единаесеттото место со недостаток на сила во финалните десет километри.
📸 Bas Czerwinski/Getty Images