Првиот меч од 14. коло на австралиската А-Лига го одиграа Мелбурн Сити и Вестерн Сиднеј Вондерерс.
Во пресрет на мечот и двете екипи имаа победнички серии од пет, односно од три победи.
Накрај, Мелбурн Сити успеа да слави со 4-1 и да ја прекине низата на тимот од Сиднеј.
Имено, Вестерн Сиднеј Вондерерс поведоа преку Берни Ибини-Исеи (21′), кој ја затресе мрежата на Том Гловер за првпат после четири средби.
До крајот на првото полувреме, Англичанецот Крег Нун (33′) израмни на 1-1 со необично итриот погодок од слободен удар.
Во вториот дел, домаќините од Мелбурн направија вистински ,,шах-мат”, поведувајќи со 3-1 благодарение на двата гола во три минути.
Стрелец на првиот беше Ендру Набут (52′), а после него, по вторпат на мечот, во листата на стрелците се запиша Нун (55′).
Проблемот за Вестерн Сиднеј ќе беше уште поголем, доколку погодокот на Адријан Луна (59′) за 4-1 не беше поништен со ВАР поради минимален офсајд.
Сепак, гостите не успеаја да ја избегнат судбината бидејќи Џејми Мекларен (90+2′) го постави конечниот резултат со својот 12. гол сезонава, доволен за опстанок на првото место на листата на стрелците.
Со шестиот триумф во низа, Сити дојде до втората позиција на табелата со бод и со натпревар помалку во однос на првопласираните Централ Коуст Маринерс.
Од друга страна, Вестерн Сиднеј испушти шанса да го презеде врвот и падна на четвртото место.
📸 Robert Cianflone/Getty Images