
На осмина-финалниот меч од АФЛ помеѓу градските ривали, Сиднеј Свонс и ГВС Џајантс, се случи една немила сцена.
Имено, најважната алка на Џајантс, Тоби Грин, незадоволен од една судиска одлука, реши да му се приближи на судијата што резултираше со нежен контакт.
Веднаш потоа, Грин доби суспензија од еден натпревар, а синоќа, целиот случај заврши на суд, каде што австралискиот фудбалер доби забрана за игра цели три недели.
Практично, сезоната за Грин е завршена со оглед на тоа што потенцијалното финале за ГВС е закажано за 25 септември.
Самиот судија, Мет Стевик, во врска со инцидентот се огласи:
,,Свесен сум дека Тоби имаше благ контакт со мене додека поминуваше. Според мене, допирот беше минимален и не се чувствував загрозено во тој момент.”
Сепак, санкциите во АФЛ за контакт со делителите на правдата се многу ригорозни, така што се очекуваше висока казна за Грин.
27-годишниот напаѓач ја имаше најдобрата сезона во својата кариера, каде што на 18 средби имаше просек од 2,3 голови по натпревар.
Во четврт-финалето, Џајантс ќе ги одмерат силите со Џилонг Кетс, кои се потполни фаворити на хартија, особено со отсуството на водечкиот стрелец.
Голем дел од љубителите на австралискиот фудбал сметаат дека казната за Грин е престрога, додека навивачите на Џилонг слават за донесената одлука.



