
После дванаесет години, Манчестер Јунајтед доживеа елиминација од ФА Купот на ,,Олд Трафорд” од страна на ривал, кој не е член на Премиер лигата.
Имено, во четвртата рунда од најстарото клупско фудбалско натпреварување, огромна сензација приреди второлигашот Мидлсброу, славејќи после пенали против ,,Црвените ѓаволи”.
Во текот на 120 минути игра, резултатот гласеше 1-1, а стрелци на головите беа Џејдон Санчо (25′) за домаќините и Мет Крукс (64′) за гостите.
Само пет минути пред водечкиот погодок на Санчо, Јунајтед испушти шанса за гол, откако Кристијано Роналдо промаши од белата точка.
Од друга страна, погодокот на Крукс предизвика бројни реакции поради играта со рака на асистентот Данкан Вотмор.
Во пенал-серијата, единствениот единаесеттерец за клубот од Манчестер го промаши Ентони Еланга, кој беше осми изведувач за својот тим.



