Единствениот казахстански претставник во КХЛ, Барис Нур-Султан, штотуку ја заврши серијата од четири врзани гостински средби, притоа собирајќи максимални осум поени.
Последниот меч беше одигран против Авангард Омск, а Казахстанците триумфираа со 1-3.
Во исклучително тврд натпревар, со огромен број на ,,боди-чекови” и со дванаесет исклучувања, хокеарите на Барис ја затресоа мрежата на Симон Хрубец по еднаш во секоја третина.
Во првата погоди Роман Старченко, во втората – Јакоб Лилја, а во третата, Кирил Готовец (Авангард) несреќно го внесе пакот во својот гол, но како поентер беше заведен Фил Вароун.
Од друга страна, единствен стрелец за Авангард беше Кирил Семјонов во првата третина, за израмнување на 1-1.
И покрај третиот пораз во последните четири дуели, Авангард останува на второто место на Истокот, додека Барис полека, но сигурно атакува на плејоф.



