
Најважниот меч од шкотскиот Чемпионшип, кога е во прашање битката за титулата, односно за пласман во Премиер лигата, беше одигран во претпоследното коло.
Имено, на ,,Рагби Парк”, во директен меѓусебен дуел, Килмарнок го порази Арброут со 2-1 после пресврт.
Гостите, кои сè уште функционираат како полупрофесионален клуб, беа на прагот од сензација, откако поведоа со голот на Џејмс Креген во деветтата минута.
Во продолжение, на крилјата на голманот Дерек Гестон, Арброут љубоморно го чуваше своето водство, кое ќе ги донесеше на чекор до враќање во елитата после речиси половина век.
Сепак, во финишот, со головите на Еш Тејлор (78′) и на Блер Олстон (90′), Килмарнок направи пресврт и обезбеди враќање во Премиершип после едногодишно отсуство.
На табелата, популарните ,,Кили” ја обезбедија титулата во пресрет на последното коло, додека Арброут ќе мора да ја бара својата шанса во плејофот.