
По освоената бронза во велеслалом, Лара Гут-Бехрами дојде и до првиот златен олимписки медал на ЗОИ 2022.
Швајцарката триумфираше на денешната трка во супервелеслалом во алпско скијање со најбрзо време на патеката од 1:13,51 минути.
На второто место се пласираше Австријката Мирјам Пухнер (+0,22), која го освои најдобриот пласман во кариерата.
Третата позиција ја зазеде Мишел Гизин (+0,30), освојувајќи го вториот олимписки медал и покрај недоволните тренинзи за оваа дисциплина.
Пиедесталот за три стотинки го испушти Тамара Типлер (+0,33), а шампионката од Пјонгчанг 2018, Естер Ледецка (+0,43), беше петта.
Во првите десет завршија уште: Рагнилд Мовинкел (+0,58), Федерика Брињоне (+0,66), Корнелија Хитер (+0,68), Микаела Шифрин (+0,79) и Елена Куртони (+0,83).
Една од најголемите претендентки за подиум, Софија Гоџа, не учествуваше на трката со цел да ја санира повредата до претстојниот спуст, каде што ќе го брани насловот.




