Првиот интернационален натпревар во тест крикет по огромната пауза од сто и седумдесет денови предизвикана од пандемијата од Ковид-19 го одиграа Англија и Западните Инди. Воедно, ова беше најдолгата пауза без интернационален крикет во дваесет и првиот век.
Двете екипи се соочија на „Роус Боул“ во Саутемптон, Хемпшир односно „Ајџеас Боул“ познат по спонзорските права. На овој стадион, во пресрет на натпреварот, Англија одигра дваесет и шест интернационални натпревари од кои само девет се порази, додека на трите тестови на овој стадион, Англичаните се непоразени. Имено, активната победничка серија на домашниот тим на овој терен изнесува осум натпревари – еден тест, пет еднодневни и два Т20 натпревари.
Последниот тест пораз на Англија на домашен терен датира од јуни 2014 кога Шри Ланка славеше со 257&457 – 365&249.
Во составот на домаќините, на овој натпревар, ќе фали Џоу Рут кој е во домашна изолација поради раѓањето на своето второ дете, па затоа овој пат, капитен ќе биде Бен Стоукс. Стоукс е вкупно осумдесет и првиот англиски капитен на тест натпреварите односно прв „ол-раундер“ после Ендру Флинтоф. Од друга страна, Џофра Арчер и Марк Вуд ќе го одиграат првиот заеднички тест натпревар во нивните интернационални кариери.
Пред стартот на дуелот, сите играчи клекнаа на колена за да испратат порака до спортската јавност предводени од паролата ,,Black lives matter”.
Состави:
Англија: Бен Стоукс (капитен), Џејмс Андерсон, Џофра Арчер, Дом Бес, Марк Вуд, Рори Барнс, Јос Батлер, Зак Кроули, Џоу Денли, Оли Поуп и Дом Сибли.
Западни Инди: Џејсон Холдер (капитен), Џермејн Блеквуд, Алзари Џозеф, Крег Бретвајт, Шамар Брукс, Џон Кемпбел, Ростон Чејс, Кемар Роуч, Шејн Даурич, Шенон Габриел и Шаи Хоуп.
Натпревар:
Прв ден: Првиот ден започна со силни врнежи од дожд, па стартот беше одложен. Подоцна, по фрлањето на паричка, Англија избра да удира во првиот ининг. За истиот, поради доцнењето, беа прогнозирани седумдесет оувери, со пауза во 16:30 часот по локално време (17:30 по македонско). Сепак, дождот беше посилен од сè, па првиот ининг заврши после само 17.4 оувери. За тоа време, домаќините имаа учинок од 35/1. Поентери беа Барнс (20) и Денли (14), а без освоен поен, исфрлен беше Сибли од страна на Габриел.
Втор ден: Вториот ден почна навремено без проблеми, а на удирачката страна повторно беше Англија. Во пресрет на паузата за ручек, Англичаните имаа резултат од 106/5 (43), а најдобар поентер беше Барнс со триесет поени. Освен Сибли, викет доживеаја и Денли (48/2), Барнс (51/3), Кроули (71/4) и Поуп (87/5). Од гостинскиот состав, Габриел зема вкупно три, а Холдер два викети. Во продолжение, Западните Инди успеаја да го завршат англискиот ининг при резултат од 204. Останатите отстранети англиски крикетари беа: Стоукс (154/6), Батлер (157/7), Арчер (157/8), Вуд (174/9) и Андерсон (204/10). За гостинскиот состав, Холдер имаше учинок од 42/6, негов најдобар во кариерата, каде што придонесе и Даурич со своите три фаќања. Останатите четири викети беа дело на Габриел. Најефикасен Англичанец во првиот ининг беше Стоукс со четириесет и три поени.
Што се однесува до инингот на Западните Инди, беа одиграни 19.3 оувери. Нивниот резултат на крајот на вториот ден изнесуваше 57/1, а единствениот изваден играч беше Кемпбел кој освои дваесет и осум поени.
Трет ден: По воведните осумдесет оувери, островските претставници, на пауза за чај, заминаа со резултат од 235/5 т.е. триесет и еден поен предност. Дотогаш, најефикасен беше Бретвајт со шеесет и пет поени. Извадени играчи (освен Кемпбел) беа: Хоуп (102/2), Бретвајт (140/3), Брукс (173/4) и Блеквуд (186/5).Во продолжение, извадени беа и Чејс (267/6), Холдер (281/7), Џозеф (306/8), Даурич (313/9) и Габриел за конечни 318 поени. Четири од петте фрлачи на Англија земаа викет односно Стоукс (4-49), Бес (х2), Вуд (х1) и Андерсон (х3). Единствен фрлач без викет беше само Џофра Арчер. После комплетните инаугурални ининга на двете селекции, Западните Инди стекнаа предност од сто и четиринаесет поени односно 204 – 318.Третиот натпреварувачки ден беше завршен со воведните десет оувери од вториот англиски ининг после кои, резултатот изнесуваше 15/0.
Четврти ден: Четвртиот ден беше целосно резервиран за вториот ининг на Англичаните. Домаќините, по неговото завршување, имаа учинок од 284/8 со преостанати два викети. Кроули беше најефикасен играч со дури седумдесет и шест поени, додека Габриел од Западните Инди додаде нови три освоени викети на своето конто. Извадени играчи во текот на четвртиот ден беа: Барнс (72/1), Сибли (113/2), Денли (151/3), Стоукс (249/4), Кроули (253/5), Батлер (265/6), Бес (278/7) и Поуп (279/8). За карипската селекција, освен Габриел, викети земаа и Чејс (х2), Холдер и Џозеф (х2).
Петти ден: Петтиот ден започна со завршницата на вториот англиски ининг. Имено, Англичаните доживеаја уште два викети и стигнаа до резултат од 313 поени. Извадени играчи беа Вуд (303/9) и Арчер. Габриел стигна до пет односно вкупни девет викети на овој тест натпревар. По завршувањето на англиското удирање, на теренот се појавија удирачите на Западните Инди кои влегоа во завршниот ининг бркајќи сто деведесет и девет поени. По добриот старт на англиските фрлачи (2-7), следуваше доминација на гостите. Блеквуд освои неверојатни сто педесет и четири поени за завршување на инингот и победа на Западните Инди од 204&313 – 318&200/6. Во последниот ининг, викет доживеаја Бретвајт (7/1), Брукс (7/2), Хоуп (27/3), Чејс (100/4), Даурич (168/5) и Блеквуд (189/6). Шенон Габриел беше избран за играч на натпреварот со фрлачки учинок од 9-137.
Изјави:
„Одлично е тоа што можевме да играме крикет. Навикнати сме да играме пред повеќе луѓе… Двете екипи имаа време добро да се подготват во своите кампови. Западните Инди имаа многу време за да се подготват во Манчестер… Вештините и нивото на одиграниот крикет беа фантастични… Требаше да освоиме повеќе поени во првиот ининг…“ – гласеа дел од изјавените реченици на англискиот капитен Бен Стоукс.
„Една од најдобрите победи во мојата кариера. Вчера беше најдобриот ден од сите што сум ги имал во тест крикет.“ – рече Џејсон Холдер – капитенот на Западните Инди.