Вториот натпревар од серијата на еднодневни крикет натпревари помеѓу Англија и Ирска беше одигран повторно на „Ајџеас Боул“ во близина на Саутемптон.
Доминацијата на Англичаните, кои се и актуелни светски шампиони во овој крикет формат, беше покажана и на вчерашниот дуел откако славеа за четири викети односно со резултат од 216/6 (32.3) – 212/9 (50).
Ирска беше репрезентацијата што удираше прва, а најефикасен беше повторно Куртис Камфер. Дебитантот на претходниот натпревар, вчера постигна нови шеесет и осум поени од вкупно осумдесет и седум топки. Кај Англија, најдобри фрлачки перформанси имаше Адил Рашид (3/34), кој, со трите викети, успеа да стане петтиот играч што освоил над сто и педесет викети за Англија на еднодневни крикет натпревари. Пред него се само Џејмс Андерсон (269), Дерен Гоу (234), Стјуарт Броуд (178) и Ендру Флинтоф (168).
Во вториот ининг (инингот на Англичаните), најефикасен беше Џони Беирстоу со осумдесет и два поени. Беирстоу постигна педесет поени со само дваесет и една топка што е едно од најбрзите достигнувања во историјата на англискиот еднодневен крикет. Воедно, Англичанецот стана петтиот најбрз играч што постигнал три илјади еднодневни крикет поени во светот односно му беа потребни седумдесет и два ининга (исто како и Џоу Рут, Шикар Даван, Гери Кирстен и Гордон Гриниџ). Кај Ирците, Куртис Камфер и Џош Литл имаа солидни фрлачки перформанси со учинок од 2/50 односно 3/60.