По вторпат во два дена, ЛА Клиперс ги играа своите натпревари во европскиот, односно во најраниот термин од програмата на НБА.
Синоќа, составот од Лос Анџелес ја запиша само втората победа во 2022, совладувајќи ги Атланта Хокс со 106-93.
Со исклучок на првата четвртина, Клиперс имаа предност и контрола на резултатот речиси во текот на цел натпревар што беше доволно за славје на домашен терен.
Од победничкиот состав, најефикасен со 21 поен беше Амир Кофи, после кој следуваше Серџ Ибака со 16 кошеви.
Кај Хокс, Тре Јанг ја прекина серијата од седумнаесет средби со 25+ поени, откако денес уфрли ,,само” 19, односно исто колку и Србинот Богдан Богдановиќ.
Во Западната конференција, Клиперс (20-21) го заземаат осмото место, додека Хокс (17-22) се дванаесетти на Истокот.