На денешниот долгоочекуван Лондонски маратон владееше врнежливо време, кое дополнително им го отежнуваше трчањето на најдобрите маратонци.
Освен (не)времето, отежнувачка околност беше и патеката по којашто тркачите се натпреваруваа. Имено, наместо стандардна трка низ улиците на Лондон, оваа година гледавме трка во кругови низ паркот ,,Ст. Џејмс”, односно 19,6 круга долги по околу 2,1 километар.
Во женска конкуренција, најбрза беше Кенијката Бригид Косгеи. Актуелната светска рекордерка истрча 42 195 метри за 2:18:58 часа, ја одбрани победата на овој маратон од минатата година и заработи 23 200 фунти.
Освен Косгеи, на подиумот завршија Сара Хол (+03:03 минути) и Рут Чепнгетич (+03:07 минути).
,,Времето не беше добро и ние се мачевме. Јас се мачев сè до моментот кога ја завршив трката.” – се огласи победничката за ,,БиБиСи Спорт”, алудирајќи на врнежливото време во британската престолнина.
Најголемата сензација се случи во машката конкуренција. Откако, пред два дена, еден од фаворитите, Кенениса Бекеле, се откажа поради повреда, се чинеше дека актуелниот рекордер, Елиуд Кипчоге, лесно ќе стигне до победата.
Сепак, Кениецот заврши на осмата позиција и не победи на маратон за првпат после 2013.
,,Навистина сум разочаран. Не знам што се случи. Во последните петнаесет километри, почувствував дека десното уво ми е блокирано, а имав и грчеви во колкот и во ногата. Едноставно се случи за време на трката. Беше навистина студено, но не ги обвинувам временските услови.” – се огласи Кипчоге после трката.
Имено, до победата дојде Етиопиецот Шура Китата со време од 2:05:41. Само една секунда побавен од него беше Кениецот Винсент Кипчумба, а Сисај Лема беше третопласиран со само три секунди заостаток.



